Гоце Седлоски можеше да биде задоволен како изгледаше поставеноста на македонскиот тим во првите 40 минути од мечот во Луцерн, но индивидуалните грешки овојпат беа кобни по репрезентацијата која со нов пораз се враќа од едно гостување.
Четвртиот неуспех на четвртиот натпревар во Лигата на нации дефинитивно нема да влијае позитивно од психолошки план врз фудбалерите, меѓутоа Седлоски верува дека репрезентацијата е на вистинскиот пат и дека процесот на подмладување допрва ќе дава посакувани резултати.
Селекторот ќе почека за прва победа како предводник на тимот најмалку до наредниот месец, а по поразот од 3:0 од Швајцарија уште еднаш нагласи дека не планира лесно да се предаде.
– Одигравме перфектно прво полувреме до првиот примен гол. За жал, нашите индивидуални грешки придонесоа Швајцарија да профитира и да ги искористи подарените шанси за победа. Селекции како Швајцарија не простуваат на ова ниво, а тоа значи дека мора да бидеме максимално концентрирани во секоја акција и во секој момент.
– Вакви противници ги казнуваат ваквите грешки, а ние направивме три вечерва. Во овој циклус им дадов шанса на сите играчи во нападот, но не успеавме да дадеме гол, ни недостасуваше само тој гол. Бев борец како играч, борец сум и сега. Не се откажувам и нема да се предадам. Се наоѓаме во тешка ситуација, но нема да се предадам, – изјави Седлоски од прес-центарот во Луцерн.







