Левица во Собранието со предлог закони за безбедна критична инфраструктура, правичен студентски оброк и крај на профитирањето од опожарени шуми

Макфакс

06/10/2026

11:35

193

Големина на фонт

а а а

Левица поднесува три важни предлог-закони во Собранието кои се однесуваат на заштита на критичната инфраструктура, подобрување на субвенционираниот студентски оброк и забрана за економска експлоатација на опожарени шуми со цел заштита на државната безбедност, студентите и животната средина.

Утре пред пратениците во Собранието ќе се најдат три Предлог-закони поднесени од пратеничката група на Левица – Предлог-законот за заштита на критична цивилна инфраструктура, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк и Предлог-законот за дополнување на Законот за шумите. Утре пратениците ќе имаат можност да покажат чии интереси навистина ги штитат, соопштија од Левица.

„Со Предлог-законот за заштита на критичната цивилна инфраструктура предлагаме државата да ја преземе одговорноста за обезбедување на стратешките објекти од кои зависат животот и безбедноста на граѓаните – водоснабдување, енергетика, транспорт, комуникации и здравство. По случајот со Гостивар, кој покажа колку лесно може да се загрози систем од кој зависат илјадници граѓани, предлагаме формирање државна Служба во рамки на Министерството за одбрана, наместо критичната инфраструктура да се остава на приватни обезбедувања.

Три години Владата на ДПМНЕ не го усогласува оброкот, а според пресметките на Левица, студентите се оштетени за околу 6,5 милиони евра. Со измените на Законот за субвенциониран студентски оброк предлагаме износот од 140 денари конечно да се усогласува со реалниот раст на платите – односно да изнесува 1% од минималната нето-плата. Оброкот би важел и за вонредните студенти, без приходен праг и во текот на целата недела“.

Со дополнувањето на Законот за шумите како што појаснуваат од партијата, се предлага 50-годишна забрана за урбанизација, градба, поставување фотоволтаици и сеча на земјиште зафатено со шумски пожар. Со ова, додаваат, директно се отстранува бизнис-мотивот за намерно палење шуми: ако опожареното земјиште не може да се гради или експлоатира 50 години, нема да има економска логика некој да подметнува пожар за туѓи инвеститорски интереси.

Од Левица ги повикуваат сите пратеници да ги поддржат овие предлози и да покажат, според нив, одговорност кон стандардот на граѓаните, безбедноста на државата и заштитата на животната средина. „Истовремено, ги повикуваме граѓаните внимателно да ја следат собраниската расправа и гласањето и да видат кој ќе застане зад овие решенија, а кој повторно ќе избере краткорочни политички калкулации“.