[ФОТО] Картичка од „Pokemon“ продадена за 8,4 милиони долари

Точка

06/10/2026

09:51

432

Големина на фонт

а а а

Една од најретките „Pokemon“ картички во светот е продадена за неверојатни 8,4 милиони долари, со што стана втората најскапа картичка продадена на аукција.

Станува збор за посебен примерок со Пикачу, кој меѓу колекционерите е познат како „Raincoat Pikachu“.

Името го добил по илустрацијата на која популарниот електричен „Pokemon“ е прикажан со чадор и кабаница, како да се подготвува за пороен дожд. Меѓутоа, симпатичниот дизајн е само дел од причината поради која оваа картичка вреди милиони. Нејзината вистинска вредност се крие во тоа колку примероци воопшто биле направени.

Картичката ја дизајнирал уметникот Фуџишима, откако учествувал на натпревар инспириран од играта „Pokemon Art Academy“ за „Nintendo 3DS“. Неговиот труд победил во категоријата „Dress-Up Pikachu“, а наградата била мошне необична: авторот добил само 100 официјално отпечатени примероци од својот дизајн.

Картичката никогаш не била понудена во продавниците, ниту можела да се купи како дел од стандардна колекција на „Pokemon“. Токму поради тоа, „Raincoat Pikachu“ спаѓа меѓу исклучително ретките примероци, дури и кога се споредува со најскапите и најбараните картички во историјата на колекционерството на „Pokemon“, пренесува „B92“.

Примерокот кој сега достигна цена од 8,4 милиони долари бил продаден на 28 септември преку аукциската куќа „Fanatics Collect“. Бил оценет со „PSA 10 Gem Mint“, односно со највисоката оценка за зачуваност во рамките на системот „PSA“. Со пресметаната провизија за купувачот, конечната цена достигнала точно 8.400.000 долари.


Интересно е што истата картичка и претходно го привлекувала вниманието на колекционерите, но за неспоредливо помали суми. Еден сличен примерок со оценка „PSA 10“ бил продаден во 2025 година за околу 19.200 долари. Огромниот скок на цената покажува колку кај ваквите колекционерски предмети можат да значат совршената состојба, потеклото, реткоста и моментот во кој картичката ќе се појави на аукција.

Сепак, „Raincoat Pikachu“ не го собори апсолутниот рекорд. Првото место и натаму го држи „Pikachu Illustrator“, картичка која Логан Пол ја купи за дури 16,4 милиони долари и која сè уште останува неприкосновен рекордер.