Италијанската премиерка Џорџа Мелони се обидува да го заштити својот глас како интелектуална сопственост преку поднесување барање за звучен заштитен знак, со цел борба против манипулирани dipfake содржини и нелегална употреба на нејзиниот лик и глас.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони се обидува да го заштити својот глас како интелектуална сопственост за да се одбрани од „дипфејк“ (deepfake) содржини и клонови на глас генерирани со вештачка интелигенција. Во понеделникот, таа поднесе барање до Канцеларијата на Европската унија за интелектуална сопственост (EUIPO) за регистрација на нејзиниот глас како звучен заштитен знак.
Предмет на заштитата е звучен заштитен знак без текст – снимка во времетраење од четири секунди во која Мелони ја изговара реченицата „Io sono Giorgia Meloni“ (Јас сум Џорџа Мелони). Оваа фраза е наслов на нејзината автобиографија од 2021 година и стана позната по говорот на еден митинг во 2019 година, кој подоцна беше претворен во вирален диско-ремикс.
Години на борба против лажни содржини
Мелони се одлучи на овој чекор откако со години беше цел на манипулирани онлајн содржини.
На пример, во март 2024 година, италијански суд ја повика Мелони да сведочи во судски процес поврзан со порнографски „дипфејк“ содржини креирани со нејзиниот лик. Во мај оваа година, на интернет кружеа и други сексуално сугестивни слики генерирани со вештачка интелигенција, вклучително и една на која премиерката е прикажана во долна облека.
Во објава на Фејсбук, италијанската премиерка предупреди дека „дипфејк“ содржините можат „да измамат, манипулираат и да земат на нишан секого“. „Јас можам да се одбранам. Многу други не можат“, напиша таа.
Што подразбира заштитата со жиг
Според изменетиот Закон на ЕУ за вештачка интелигенција, усвоен во јули, „дипфејк“ содржините мора да бидат јасно означени. Законот, исто така, ги забранува системите за вештачка интелигенција што креираат сексуализирани слики, видеа или аудио снимки од реални луѓе без нивна согласност. Исто така, се забрануваат системи што генерираат материјали за сексуална злоупотреба на деца.
Доколку барањето биде одобрено, звучниот жиг (кој го користат многу познати личности) би можел да ѝ обезбеди на премиерката дополнителна правна основа за оспорување на неовластената комерцијална употреба на снимката, во зависност од стоките и услугите за кои станува збор. Сепак, ова не би ѝ дало целосна контрола врз секоја имитација на нејзиниот глас генерирана со вештачка интелигенција, ниту пак автоматски би го направило креирањето „дипфејк“ содржини кривично дело.
Барањето моментално е во фаза на разгледување во EUIPO. Ниту Канцеларијата, ниту правниот тим на Џорџа Мелони, кој го подготви барањето, не одговорија на барањето за коментар.












