Седлоски даде објаснување за двете измени кои ги направи по 30 минути игра против Шкотска

Дерби

04/10/2026

09:27

261

Големина на фонт

а а а

Гоце Седлоски ќе мора да почека за првиот бод и првата победа како селектор на македонската фудбалска репрезентација, а во период кога самиот најави дека ја подмладува селекцијата и дека ќе им даде шанса на голем број фудбалери, се доби впечаток дека направи корекција на теренот уште во раната фаза од мечот со Шкотска.

Нашиот национален тим не отвори добро и рано прими гол од гостите, па во период кога Шкотска почна да се наметнува и да доминира со својата агресивна игра, македонскиот селектор направи две измени уште по 30 минути игра.

Седлоски го смени системот за натпреварот со Шкотска и излезе со формација 3-5-2, но очигледно остана незадоволен од двајца играчи кои делуваа по левата страна.

Тоа беа Херера како страничен бек и Станковски како играч кој е поставен лево во средниот ред, па на нивно место по 30 минути играа влегоа Џеков и Атанасов.

– Првите 30 минути не одеа работите како што треба со Лука и Херера по левата страна. Лука секогаш внесувал живост кога влегувал во игра и мислев дека може да одговори добро на позицијата на која го поставив. Овојпат не испадна како што треба, а Шкотланѓаните пробиваа и по левата страна кај Херера и оценив дека треба да направам измени, – објасни селекторот по првото поставено прашање на пресот.

Македонија го загуби и вториот меч на „Тодор Проески“ во овој циклус од Лигата на нации (0:2), на гостински терен загубивме и од Словенија, а последен меч од овој ФИФА прозорец ќе биде оној против првопласираната Швајцарија која е убедливо најквалитетна во нашата група.