Кира Најтли и Бен Вишо се враќаат во втората сезона на мрачниот шпионски трилер „Black Doves“, а новите епизоди носат уште поопасна игра, нови сојузници и непријатели.
Втората сезона премиерно се прикажува на Нетфликс на 5 ноември, а Хелен и Сем повторно ќе се најдат во средината на смртоносен заговор.
Првата сезона ги остави Хелен и Сем живи, но со многу нерешени прашања и сериозно нарушена врска. Во продолжението на приказната, Хелен, која ја игра Кира Најтли, продолжува да открива државни тајни на тајната организација „Black Doves“ на која ѝ служи.
Сепак, ситуацијата станува уште покомплицирана бидејќи нејзиниот сопруг Волас, кој го игра Ендру Бјукан, се подготвува да стане премиер.
Во исто време, Хелен ќе се соочи со проблеми во организацијата. Нејзината мистериозна претпоставена, г-ѓа Рид, се наоѓа како мета на безмилосен заговор чија цел е да ја отстрани од нејзината позиција во Црните гулаби.
Кога најмногу ѝ е потребна помош, Хелен повторно ги здружува силите со својот најдобар пријател Сем. Тие двајцата тргнуваат заедно во потрага по одговори, но наскоро сфаќаат дека повеќе не можат лесно да ги разликуваат пријателите од непријателите, според материјалот подготвен од Нетфликс за фестивалот Тудум.
Нови лица во втората сезона на „Black Doves“
Покрај Кира Најтли и Вишо, Сара Ланкашир и Бухан, се враќаат и Кетрин Хантер како Лени Лајнс, Ела Лили Хиланд како Вилијамс, Габриел Криви како Елеонор, Агнес О'Кејси како Дани и Моли Чесворт како Мари.

Во втората сезона се приклучуваат неколку нови актери: Амбика Мод, Бабу Чесеј, Сем Рајли, Неве Кембел, Силвија Хукс, Горан Костиќ и Самуел Барнет.
Сценаристот, креаторот и извршен продуцент на серијата, Џо Бартон, повторно е задолжен за приказната. Втората сезона е режирана од Џулијан Фарино и Кирон Хокс.
По повод враќањето на серијата, Бартон изјави дека е особено возбуден бидејќи повторно ќе влезе во светот на „нивното мало семејство шпиони“, додека Нетфликс го најави продолжението како комбинација од врвно сценарио, режија и глума.







