Гордана Сиљановска-Давкова одржа средба со претставници на Обединетите Македонци во Канада, каде што разговараа за улогата и предизвиците на македонската дијаспора во различни области, носејќи предлози за поголемо вклучување во татковината.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера се сретна со двајца претставници на „Обединети Македонци во Канада“, претседателот Ристо Дурловски и членот Душко Јанков.
Тие ја запознаа со животот и успесите, но и со проблемите и предлозите на припадниците на македонската дијаспора, врзани за учеството во економските, политичките, образовните, научните и културните односи во татковината.

Неспорно е дека македонската дијаспора од Канада е неразделен дел од македонското национално ткиво, се согласија соговорниците.
Претседателката ги информираше за усвоената Национална стратегија за дијаспората, како чекор напред во градењето заедништво преку различни форми на соработка, насочени кон нивно полесно и побрзо интегрирање во македонскиот општествен живот, како и за тековните активности околу формирањето на Советот за дијаспора во рамките на нејзиниот кабинет, предочувајќи им ја можноста и потребата да номинираат свој претставник во него.

Нашинците изразија интерес за учество на дијаспората на парламентарните и претседателските избори, за потесна комуникација со Агенцијата за иселништво, како и за интересот за институционално учество во процесот на одлучување во татковината, особено за прашања што директно ги засегаат, како на пример, консултирање при номинацијата на амбасадор и конзули во Канада, но и за други.

Исто така, во разговорот, Дурловски и Јанков предочија дека релативизацијата на географијата и далечината, со подемот на вештачката интелигенција и дигитализацијата, кај најмладите генерации на македонска дијаспора, го зголемува интересот за запознавање, студирање, работа и живот во земјата на нивните родители и претци.

На крајот, претставниците на македонската дијаспора од Канада и укажаа на претседателката на обврската да ја посети Канада и на лице место да ги собере, види и чуе мислењата на нашите иселеници за прашањата што ги засегаат, а тие, нејзините.
















