Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, ги критикуваше двојните стандарди во македонското правосудство, потенцирајќи дека за мали грабежи има казни, додека за сериозни случаи со загубени животи или финансиски неправди нема одговорност.
За кубење на коса, се добива 4 години затвор. За кражба на 150 ќебапи, се добиваат 3 години затвор. А за случајот Ласкарци, каде загинаа 16 луѓе, за случајот со модуларната болница, каде загинаа 14 луѓе или пак за случајот Мазут, вреден 167 милиони евра, имаме нула години затвор и нула одговорност, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Тој на денешната прес-конференција обвини за двојни аршини во дел од македонското правосудство, за кое тврди дека е под влијание на СДСМ и ДУИ.
„За обичниот граѓанин важи законот, а кога ќе се стигне до луѓето и интересите поврзани со СДС и ДУИ, нивните инсталации во правосудството веднаш се ставаат во нивна заштита“, рече Манасиевски.
Според него, ваквата состојба е причина за недовербата на граѓаните во правосудниот систем.
„Не може за ќебапи да има три години затвор, а за случаи со десетици изгубени човечки животи, граѓаните со години да чекаат конечна правда и истата да не ја дочекаат“, рече Манасиевски.
Тој порача дека правосудството не смее да биде „штит на СДС и ДУИ“ и дека законот мора да важи еднакво за сите.








