„Иднина која инспирира“: Пет проекти добиваат поддршка од dm, а граѓаните избираат меѓу три за дополнителна поддршка

Точка

15/09/2026

11:39

120

Големина на фонт

а а а

Пет проекти од областите на заштита на животната средина, социјалната поддршка, инклузијата и развојот ќе добијат финансиска поддршка од компанијата dm drogerie markt во вкупна вредност од повеќе од 2,9 милиони денари, во рамките на платформата „Иднина која инспирира“.

Проектите се избрани од стручно жири меѓу вкупно 74 пријавени иницијативи, а од 14 септември во изборот се вклучени и граѓаните, кои до 27 септември можат да гласаат за еден од трите проекти што се во избор за дополнителна поддршка од dm.

Пријавувањето во рамките на „Иднина која инспирира“ беше отворено од 2 март до 31 јули 2026 година, а оценувањето на проектите се одвиваше од 12 до 21 август. Во стручното жири учествуваа Гоце Калинов од „Ретвитни оброк“, Далиборка Златева, претседател на „Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес“, Ико Брдаровски, менаџер за грижа на корисници во „Пакомак“, како и тројца претставници на dm.

Меѓу избраните е проектот „Охрид Еко 2027“ на Нуркачкиот центар „Амфора“, кој преку организирани подводни акции има цел да придонесе за отстранување на отпадот од Охридското Езеро и подигнување на свеста за неговата заштита. Поддршка ќе добие и „Херои на солидарноста: Тегла Плус за нашата заедница“ на Здружението „Љубезност“, насочен кон поддршка на ранливите категории граѓани преку солидарни акции, јавни и едукативни настани.

Македонското здружение на млади правници ќе го реализира проектот „Поддршка блиску до тебе – Заедно до правата“, преку кој мобилни тимови од правници и волонтери ќе обезбедуваат бесплатни правни совети и практична помош за лица и семејства во социјален ризик. Проектот „Заедно сме шампиони – инклузија преку спорт“ на Специјална Олимпијада – Македонија ќе овозможи млади со и без интелектуална попреченост заедно да спортуваат и да се дружат преку инклузивни активности во повеќе градови.


Петтиот избран проект е „DM HUB – Центар за благосостојба и грижа ‘Грижа за себе. Грижа за другите. Грижа за заедницата.’“ на Центарот за истражувања и анализи НОВУС. Мобилната иницијатива ќе опфати 10 општини во Југоисточниот плански регион, со активности посветени на менталното и репродуктивното здравје, еколошката одговорност, повторната употреба и волонтерството.

- Со ‘Иднина која инспирира’ сакаме поддршката да стигне до идеи што одговараат на конкретни потреби и можат да создадат долгорочна вредност за заедницата. Особено ни е важно што во оваа фаза и граѓаните имаат можност активно да се вклучат и со својот глас да придонесат една од иницијативите да добие дополнителна поддршка. Веруваме дека позитивните промени се најсилни кога во нивното создавање учествуваме заедно – вели Кристина Дуранска, менаџер за маркетинг и комуникации во dm.

Гласањето, кое започна на 14 септември, трае до 27 септември 2026 година, а граѓаните можат да избираат меѓу три проекти: „Силата е во младите“, насочен кон еколошка едукација и активно вклучување на младите во акции за почиста животна средина; „Природа што нè поврзува“, кој предвидува преобразување на запуштен градски простор во Неготино во зелено и функционално место за одмор, рекреација и дружење; и „Простор за раст – функционален центар создаден од граѓаните“, иницијатива за претворање неискористени простори во достапни центри за едукација, креативност, волонтерство и заеднички активности. Граѓаните можат да го дадат својот глас на следниот линк.

Платформата „Иднина која инспирира“ е создадена со идејата дека позитивните промени се создаваат преку конкретен ангажман и поддршка на иницијативите што одговараат на реалните потреби на заедницата. Покрај проектните пријави, платформата даде видливост и на можностите за волонтерски ангажман, со цел да поттикне повеќе граѓани да придонесат со своето време, знаење и ангажман. На тој начин, „Иднина која инспирира“ ги поврзува организациите и поединците кои сакаат активно да придонесат за подобар квалитет на живот, поздрава животна средина и посилни локални заедници.

Со „Иднина која инспирира“, dm продолжува да ги поддржува идеите што создаваат позитивни промени и оставаат трајна вредност во заедницата затоа што иднината што инспирира се создава заедно.