Амбасадата на Македонија во Хрватска и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб организираа импресивна културно-уметничка програма по повод 35-годишнината од независноста на Македонија, со концерт на хор ПРО АРС и изложба од Државниот архив, која ја потенцира улогата на културната дипломатија и соработката меѓу двете земји.
Амбасадата на Македонија во Хрватска и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, со свечен прием и врвна културно-уметничка програма го одбележаа 8. Септември еден од најзначајните датуми во поновата македонска историја во знакот на 35 години независност на Македонија.
На свеченоста која се одржа во Хрватскиот државен архив во Загреб присуствуваа високи претставници на државни институции, дипломатски претставници на амбасадите акредитирани во Република Хрватска, верски великодостојници, високи претставници на Македонската православна црква во Хрватска, Македонци кои живеат во Хрватска, како и бројни гости.

Во своите обраќања, амбасадорот на Македонија во Хрватска Н.Е. Драган Ѓурчевски, директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска и директорот на Македонскиот државен архив Димитар Богески, истакнаа дека 8. Септември е повеќе од државен празник – тој е симбол на државноста, на достоинството и на националното заедништво.
Свечената програма започна со интонирање на хрватската и македонската државна химна, со моќна и импресивна изведба на професионалниот хор ПРО АРС, под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски.

Централниот дел од прославата беше свечениот концерт на македонска хорска музика на меѓународно реномираниот хор ПРО АРС под диригентство на маестро Сашо Татарчевски со дела од македонски композитори, инспирирани од македонската историска традиција и изложбата на македонскиот Државен архив, „Архивските документи – столб на македонскиот идентитет“ на авторите Бранислав Светозаревиќ, Марина Ѓоргиевска и Никица Тасевска.
ПРО АРС со својата маестрална интерпретација и силен емотивен набој ѝ даде посебна свеченост на вечерта, претставувајќи ја убавината, богатството и живата сила на македонската музичка традиција, а изложбата на Македонскиот државен архив – „Архивските документи – столб на македонскиот идентитет“, создаде впечатлива целина во која македонската култура и историја беа претставени на најдостоинствен начин.

Музиката и архивскиот документ, секој на свој начин, ја раскажаа истата приказна – приказната за еден народ, за неговата колективна меморија и за неговата вековна борба за сопствена држава.
Преку средбата на музиката и историската документаристика беше потенцирана важната улога на културната дипломатија во процесот на приближување и на соработка меѓу народите и државите. Културната дипломатија не е само претставување на сопственото наследство, туку создавање простор за меѓусебно разбирање, почитување и продлабочување на пријателските односи меѓу Македонија и Хрватска.

Централниот настан по повод одбележување на 35 години независност на македонската држава во Хрватскиот државен архив во Загреб носеше длабока порака: архивскиот документ го чува паметењето, музиката го оживува, а културата го претвора во трајна врска меѓу луѓето и државите.
Вечерта беше збогатена и со дегустација на македонска храна и вино.

Во текот на месец септември во Загреб и Хрватска следуваат уште десетици културни настани по повод 35 години независност на Македонија како дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, поддржана од Министерството за култура и туризам.
















