Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија е блиску до победа во војната против Украина, но е подготвена за мир доколку Украина се согласи на преговорите. Русија се надева на обновување на трилатералните преговори со Украина и САД за мирно решение, додека ја критикува неподготвеноста на Киев.
Портпаролот на Кремљ тврди дека Москва постигнува направдување на фронтот и дека обновувањето на преговорите меѓу Русија, Украина и САД е сè уште можно.
Русија е уверена во победата во војната против Украина и е многу блиску до нејзино постигнување, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, и додаде дека Русија е подготвена да постигне мир, но дека тоа зависи од Украина.
„Сите експерти ја знаат динамиката на фронтот, дека постигнуваме напредок. Но, ние сме подготвени да постигнеме мир во секој момент. Зависи од Киев. Тоа е реалноста“, рече Песков на прес-конференција пред почетокот на самитот на БРИКС.
Песков оцени дека Киев „не е толку флексибилен“.
Како што изјави, војната во Украина можеше да заврши одамна, доколку некој во Украина преземеше одговорност и донесе тешки одлуки.
Тој истакна дека Украина сè уште зависи од одредени европски земји, кои не можат да „се откажат од идејата за стратешки пораз на Русија“.
„Нема да дозволиме ова да се случи“, смета Песков.
Тој изјави дека Русија не сакала и не ја започнала војната во Украина, но дека се обидува да ја заврши.
Според него, Русија се надева дека ќе ги продолжи трилатералните преговори за решавање на украинскиот конфликт.
„Се надеваме дека ќе има напредок во овој поглед. Се надеваме на обновување на преговорите меѓу трите страни, Русија, Украина и Соединетите Американски Држави. Искрено се надеваме дека порано или подоцна ќе се движиме кон мирно решение“, рече Песков.
Портпаролот на претседателот на Русија, рече дека позицијата на Киев ќе се влошува, а руските барања упатени до Украина ќе стануваат сè понепријатни како што се одолговлекува мировниот процес.
„Не заборавајте дека одамна почнавме да велиме дека секој изминат ден ја влошува позицијата на режимот во Киев“, изјави Песков пред новинарите.












