Американскиот државен секретар Марко Рубио истакна дека Вашингтон преговара со Киев за лиценца за производство на системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ во Украина, но оти тоа нема да реши краткорочните потреби поради сложеноста и времето за производство.
САД и Украина преговараат за доделување лиценци на Киев за производство на ракети-пресретнувачи за системите за противвоздушна одбрана „Патриот“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„За тоа сега се преговара“, рече Рубио, но предупреди дека не станува збор за непосредно решение, бидејќи дури и со добиена лиценца, зголемувањето на производствените капацитети би траело неколку години поради времето потребно за изградба на фабрики.
Тој истакна дека се работи за „исклучително софистицирано оружје“ и додаде дека преговорите би можеле да бидат успешни, но дека тоа нема да ги задоволи итните потреби на Украина на краток рок.
Рубио нагласи дека ракетите за противвоздушна одбрана се многу барани, особено на Блискиот Исток, а американските производствени капацитети и залихи се главната пречка за нивно снабдување.








