Унгарија ги исполни условите за добивање 10 милијарди евра од фондот за закрепнување од пандемијата на ЕУ, по години на блокада поради сомневања за владеење на правото и корупција. Исплатата е дел од пакет од 16,4 милијарди евра што ќе и помогнат на земјата да се развива и да стигне до другите земји во регионот.
Унгарија ги исполни сите клучни услови за исплата на 10 милијарди евра од фондот за закрепнување од пандемијата, објави министерот за транспорт и инвестиции Давид Витези.
Деблокирањето на европските фондови, кои беа замрзнати за време на 16-годишното владеење на Виктор Орбан, беше централно ветување на премиерот Петер Маѓар, кој оствари убедлива изборна победа во април. Рокот за исполнување на условите истече денес.
Во мај, Унгарија и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се согласија да деблокираат вкупно 16,4 милијарди евра. Средствата претходно беа блокирани поради сомневања за владеење на правото и корупција. Од оваа сума, 10 милијарди евра, доаѓаат од Фондот за закрепнување и отпорност, кој мора да се искористи до крајот на оваа година. Останатите 6,4 милијарди евра се дел од кохезионите фондови, за кои нема непосреден рок за повлекување.
„Премиерот ни даде задача да не оставиме ниту еден цент и да ги повлечеме сите пари во земјата“, рече Витези, кој е задолжен за надгледување на користењето на средствата од ЕУ во владата.
„Можам да потврдам: успеавме“, додаде тој.
За да ги добие парите, Унгарија мораше да исполни 27 таканаречени суперцели и повеќе од 100 поврзани услови. За да го направи ова, унгарскиот парламент измени повеќе од сто закони во текот на летото. Повеќето од промените се однесуваа на зајакнување на независноста на судскиот систем и борбата против корупцијата.
Владата, исто така, го измени Националниот план за закрепнување за да се осигури дека парите ќе бидат повлечени на време. Ревидираниот план сега вклучува мерки за модернизација на енергетската мрежа, железницата и фондот за станови за изнајмување.
„Средствата од фондовите на ЕУ ќе ѝ овозможат на Унгарија да се врати на патот на развојот по години заостанување и да ги стигне другите земји во регионот“, рече Витези.
Денешниот рок го означува почетокот на последната фаза од исплатите од Механизмот за закрепнување. Тоа е инструмент за заедничко задолжување воспоставен од Европската комисија за стимулирање на економиите на земјите-членки по пандемијата на коронавирусот.
Сите земји приматели, вклучително и Унгарија, мора да поднесат барања за плаќање во текот на септември. Откако Комисијата ќе ги обработи барањата, парите ќе бидат исплатени до крајот на годината.
фото/ЕПА












