Градски воз од 1 септември од Зелениково до Скопје

Макфакс

30/08/2026

11:43

65

Големина на фонт

а а а

Од 1 септември ќе биде воведен нов градски воз што ќе сообраќа осум пати дневно помеѓу Зелениково и Скопје, со застанувања на неколку станици. Иницијативата е дел од проектот „Градски воз“ што има цел да ја подобри железничката поврзаност во Скопскиот регион.

Повторно се воспоставува железничката врска меѓу Зелениково и Скопје. Од 1 септември на таа релација ќе сообраќа воз осум пати дневно во двата правца.  Возот тргнува од Зелениково и ќе застанува на станиците Зелениково Ново, Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче, а крајната е Железничката станица Скопје.

Возовите од Зелениково ќе тргнуваат во 6:20 часот, 8:30, 12:26, 14:00, 16:25, 18:30, 20:12 и 21:55 часот, а во обратен правец, од Железничката станица Скопје, во 5:32, 7:30, 11:40, 13:20, 15:42, 17:45, 19:12 и 20:56 часот.

Според најавите, патувањето од Зелениково до Скопје и обратно ќе трае околу 25 минути, зависно од поаѓањето.Возниот ред е усогласен со распоредот на ЈСП Скопје.

Со пуштањето на оваа железничка врска во должина од 24,5 километри во која се инвестираа 5,7 милиони евра, се реализира првата фаза од најавениот проект „Градски воз“. Втората делница од проектот е од Миладиновци, Илинден, Маџари, до главната централна железничка станица, а третата е од централната железничка станица преку Скопје Север, Ѓорче до Волково.