Ставен под контрола пожарот во Преспа кој навлезе во Националниот парк Пелистер

Макфакс

30/08/2026

09:34

259

Големина на фонт

а а а

Пожарот кој започна во Преспа и навлезе во Националниот парк Пелистер е ставен под целосна контрола по ангажирањето на повеќе екипи и механизација од различни институции, а постои сомнение дека пожарот бил подметнат.

Пожарот што вчера избувна во Преспа и навлезе во Националниот парк „Пелистер“, во подножјето од ресенска страна, е ставен под контрола, информира ЦУК.

-Во гаснењето беа ангажирани екипи на Националниот парк „Пелистер“, ТППЕ Ресен и ТППЕ Битола, ер-трактори и два тима со пинцгауери од Дирекцијата за заштита и спасување, како и механизација од јавните претпријатија од Битола, наведува ЦУК.

Дежурни екипи од НП „Пелистер“ остануваат на терен за целосно догаснување и спречување на евентуално повторно активирање на пожарот.

Пожарот избувна попладнево во атарот на село Макази, Општина Ресен, истовремено на најмалку две локации, а поради опасноста од негово ширење кон Националниот парк „Пелистер“ ангажирани беа Ер-трактори и дополнителни тимови на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов, соопшти дека пожарот започнал покрај неколку овоштарници со јаболка, а додека пожарникарите се обидувале да го стават под контрола, се појавила подолга огнена линија на друга локација, што, според него, укажува дека пожарот бил намерно подметнат.