Бред Пит оваа есен ќе има уште еден важен европски ангажман. Имено познатиот актер се враќа на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан, на кој последен пат се појавил пред 17 години, а причина за неговото доаѓање е новиот филм на режисерот Дејвид Ајер, „Heart of the Beast“.
Пит и Ајер лично ќе го претстават акциско-авантуристичкиот трилер во рамките на 74-тото издание на фестивалот, кој ќе се одржи од 18 до 26 септември. Филмот е вклучен во официјалната селекција, но нема да се натпреварува за главните фестивалски награди.
Борба за преживување
Во центарот на приказната е Џејмс Белмонт, пензиониран припадник на специјалните единици, кого го толкува Пит. По страшна авионска несреќа, тој останува заробен длабоко во дивината на Алјаска заедно со Один, неговото поранешно воено куче.
Далеку од цивилизацијата, човекот и кучето се принудени да се потпрат еден на друг и да најдат начин да ги преживеат суровите услови и да се вратат дома. Токму нивниот однос ја сочинува емотивната основа на трилерот, кој режисерот Ајер го гради околу темите на лојалноста, издржливоста и борбата со природата.
Покрај Пит, во филмот глумат и Џеј-Кеј Симонс и Ана Ламбе, а сценариото го потпишува Камерон Александер. Пит воедно е и еден од продуцентите, заедно со Оливија Хамилтон, Марти Боуен и Ајер, додека меѓу извршните продуценти е и оскаровецот Демиен Шазел.

Ова не е прва заедничка соработка на Пит и Ајер. Тие веќе работеа заедно на воениот филм „Fury“ од 2014 година, а Ајер зад себе ги има и филмовите „End of Watch“, „Suicide Squad“, „The Beekeeper“ и „A Working Man“.
Филмот „Heart of the Beast“ во кината пристигнува на 25 септември.
Враќање по 17 години
Појавувањето на Пит во Сан Себастијан ќе биде особено интересно и поради неговата долга пауза од овој фестивал. Последен пат таму бил во 2009 година, кога заедно со Квентин Тарантино го претставил филмот „Inglourious Basterds“ (Неславни копилиња).

Неговиот нов филм воедно ја заокружува годинешната официјална селекција на фестивалот. Програмата опфаќа 17 филмови во конкуренција, три наслови надвор од конкуренција и пет специјални проекции.











