Жирокоптер удри во каблите на жичницата во регионот Пиемонт во Италија, се запали и се сруши, при што двајца лица загинаа. Несреќата се случи во близина на вештачкото езеро Кампличоли недалеку од швајцарската граница.
Драматични снимки го забележија моментот кога жирокоптер удрил во каблите на сервисната жичница, се запалил и се срушил во регионот Пиемонт во Италија. Двете лица во леталото загинале.
Несреќата се случила околу 11:10 часот вчера во близина на вештачкото езеро и браната Кампличоли во високата долина Антрона, во близина на швајцарската граница. Областа е на околу 1.400 метри надморска височина.
Снимките емитувани од италијанската телевизија TG1 го покажуваат малиот авион како лета ниско над планинската област, удира во каблите, а потоа се појавува огнена топка. Потоа жирокоптерот се срушил во основата на браната.








