Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола насочена кон возачите на велосипеди, мопеди и мотоцикли при што се констатирани 140 прекршоци и осум кривични пријави. Контролата продолжува со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот.
Вчера (23.08.2026) во периодот од 17:00 до 22:00 часот, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на целата држава, насочена кон возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.
При контролата, според полицијата биле констатирани 140 прекршоци, од кои 102 се однесувале на управување без задолжително носење заштитен шлем – кацига. Констатирани се и двајца возачи кои управувале под дејство на алкохол.
Од вкупниот број прекршоци, 33 се на територијата на Трумица, 17 во надлежност на Тетово и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, 15 во Куманово, по 13 во Битола и Охрид, 12 во Велес, 11 во Скопје и девет во Штип.
За констатираните прекршоци преземени се соодветни мерки и санкции согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, додека за осум возачи се поднесени кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик, соопшти полицијата.
Дополнително, при контролата биле констатирани и 156 прекршоци од друг вид.
Министерството за внатрешни работи најави дека продолжува со засилените сообраќајни контроли со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Апелираат до возачите на мотоцикли, мопеди и другите видови возила да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да користат заштитна опрема и да не управуваат под дејство на алкохол.








