[ВИДЕО] Земјотрес со магнитуда 5,9 ја погоди Јапонија, најмалку 37 повредени

Макфакс

23/08/2026

08:29

174

Големина на фонт

а а а

Земјотрес со магнитуда 5,9 ја погоди источната област на Јапонија, вклучувајќи го и Токио, при што загубија најмалку 37 повредени лица. Во текстот се опишуваат последиците, мерките и деталите околу овој настан.

Земјотрес со магнитуда 5,9 го погоди источниот дел на Јапонија, вклучително и поширокото подрачје на Токио, во 2 часот по полноќ по локално време. Најмалку 37 лица се повредени, главно полесно. Нема опасност од цунами.

Според Јапонската метеоролошка агенција, епицентарот на земјотресот бил во јужниот дел на префектурата Ибараки, на длабочина од околу 70 километри. Американскиот геолошки институт (USGS) регистрирал магнитуда од 5,8.

Најмногу повредени има во Токио – 15 лица, девет во Саитама, осум во Канагава, четири во Чиба и едно лице во Ибараки.

Повеќето од повредените паднале или се удриле во мебел и врати, бидејќи земјотресот ги затекнал додека спиеле. Дел од нив се повредиле и при станување од кревет во паника. Во Јокохама, во префектурата Канагава, жена во осумдесеттите години паднала од кревет и се здобила со тешка повреда на колкот.

Земјотресот предизвикал доцнења на брзите возови што го поврзуваат Токио со аеродромот Нарита, како и на дел од локалните железнички линии кон североисточниот дел на земјата. Брзите возови Шинкансен сообраќале нормално.

Во источниот дел на Токио пукнала подземна водоводна цевка, по што водата се излеала на улица. Дефектот во меѓувреме бил саниран и истекувањето запрено.

Јапонската влада формирала кризен штаб за проценка на евентуалните последици од земјотресот. Јапонската метеоролошка агенција ги повика жителите на погодените подрачја да бидат внимателни поради можноста за нов умерен земјотрес во текот на следната недела.

Јапонската нуклеарна регулаторна управа соопшти дека нема пријавени неправилности во работата на нуклеарните централи и другите постројки во кои се ракува со нуклеарни материјали.

Минатиот месец земјотрес со магнитуда од 7,1 го погоди подрачјето на Кумамото на островот Кјушу. Во земјотресот загинаа 38 лица, а 364 беа повредени.