СДСМ обвинува за подготовка на операција за преземање на медиумскиот простор во Македонија според моделот на Вучиќ во Србија, повикувајќи го директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, да даде одговори за неговата улога и присуство во процесот.
СДСМ со месеци предупредува дека во Македонија се подготвува операција за преземање на медиумскиот простор во Македонија по истиот модел на Вучиќ во Србија, истакнуваат од оваа партија.
Дел од таа операција оди, како што велат и преку „Ало медиа“ групацијата која, според партијата, пројавила намера за преземање на сопствеништвото на „Наша ТВ“.
„Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, има обврска да излезе и да ја информира јавноста и да каже што презема Агенцијата да го заштити медиумскиот простор во земјата и демократијата.
Каква е неговата улога?
Дали е известен за промената на сопственичката структура?
Како ќе го објасни тоа кога знае за целосното сопствеништво и поврзаноста на компаниите кои влегуваат во Македонија?
Дали знае дека на овој начин се создава дополнителна концентрација на политичко и странско медиумско влијание?
Има и друго прашање на кое треба Трајчевски да одговори.
Дали Трајчевски има српско државјанство, српски пасош или пасош на друга соседна држава?
Дали има бугарски пасош“.
Ова, според СДСМ, е легитимно прашање од јавен интерес, особено во момент кога, како што посочуваат, странски влијанија се шират во земјава а институцијата со која раководи Трајчевски има законски надлежности во постапките.
„Јавноста има право да ги знае одговорите“.








