Американскиот рапер Канје Вест во октомври би требало да настапи во Санкт Петербург, каде што се најавени дури два концерти во „Газпром Арена“. Неговото доаѓање во Русија привлекува особено внимание откако годинава му беа откажани бројни настапи и му беше забрането гостување во неколку европски земји поради низа контроверзни изјави.
На Телеграм-каналот на „Газпром Арена“, денеска беше објавено дека американскиот рапер таму ќе настапи во октомври.
На Вест, познат и под прекарот „Је“, годинава му беа откажани повеќе концерти и му беше забрането да настапува во неколку европски земји по серијата антисемитски изјави, меѓу кои и пофалби за Адолф Хитлер и користење на нацистичка симболика.

Вест во јануари се извини за своите изјави и ги припиша на недијагностицирана повреда на мозокот и нелекувано биполарно растројство.
Концертите во Русија важни за кариерата на американскиот рапер
Доколку концертите се одржат, Канје Вест ќе стане една од најголемите меѓународни музички ѕвезди кои ја посетиле Русија откако Москва ја започна целосната инвазија врз Украина во 2022 година.
Цените на билетите за двата концерти, закажани за 10 и 11 октомври, започнуваат од најмалку 9.000 рубли (106 долари), а најевтините билети биле распродадени за само еден час, објави руската државна новинска агенција ТАСС.

Најскапите билети чинат 160.000 рубли (1.885 долари). „Газпром Арена“, каде што треба да се одржат концертите е домашен стадион на фудбалскиот клуб Зенит Санкт Петербург и има капацитет од околу 70.000 гледачи.






