Тапанарот на бендот „Earth, Wind & Fire“, Џон Парис, се наоѓа во индуцирана кома по сериозен здравствен проблем. Парис (58) бил хоспитализиран минатиот четврток, откако му се слошило во „Chase Center“ во Сан Франциско, непосредно пред настапот на бендот со Лајонел Ричи.
Противпожарната служба на Сан Франциско потврди дека интервенирала поради пријава за срцеви проблеми и дека едно лице било пренесено во болница во критична состојба. Сепак, семејството на Парис не потврди дека токму тој имал проблеми со срцето.
Семејството се огласи за неговата состојба
Шели Кларк Вајт, сопругата на членот на бендот Вердин Вајт, на 13 август на социјалните мрежи објави нови информации за состојбата на Парис. Таа откри дека тој накратко се разбудил од индуцираната кома и разговарал со својата сопруга Кети Мерик.

Во опширната објава таа објасни дека најблиските на Џон намерно откривале малку детали за неговата состојба, од почит кон него и неговото семејство. Таа додаде дека сега сакаат јавноста да ги добива информациите директно од нив, за да нема нејаснотии во врска со неговата состојба.
Што се случувало во болницата?
„Кога Џон пристигна во болницата, лекарите го ставија во индуцирана кома додека му ја пружаа итната медицинска помош што му беше потребна“, напиша Кларк Вајт. „Од самиот почеток покрај него беа неговата сопруга Кети и ќерката Кајла. Еден од најблиските пријатели на Џон, Еди М., исто така секојдневно е покрај неговата болничка постела“, додаде таа.
Кларк Вајт објасни и дека Тоши, менаџерката на турнејата, била покрај Џон кога му се слошило. Таа ѝ се заблагодари за смиреноста, грижата и поддршката во тие први моменти и додаде дека тоа за семејството „значи повеќе отколку што може да се опише со зборови“.

Накратко се разбудил, а потоа повторно бил ставен под седација
Откако Парис бил ставен во индуцирана кома, се случил момент кој, како што рече Кларк Вајт, никој во собата нема да го заборави - Џон ги отворил очите.
„Погледна низ собата и тивко праша: ’Каде е Кети?‘ Штом ја здогледа, меѓу сите во собата се почувствува олеснување“, се присети таа.
Таа додаде дека во тие неколку моменти повторно го виделе Џон каков што го познаваат и сакаат. Меѓутоа, набрзо почнал да му се зголемува крвниот притисок, а имал и тешкотии со дишењето. Поради тоа, лекарите одлучиле повторно да го стават под седација додека проценувале како да продолжат со неговото лекување.

И понатаму е под седативи
„Џон и денес одмора под дејство на седативи, додека медицинскиот тим внимателно ја следи неговата состојба и проценува кои се следните најбезбедни чекори“, се наведува во објавата. „Иако ова е емотивно многу тежок период и понатаму се случуваат мали моменти кои им даваат надеж на неговите најблиски“, објасни Кларк Вајт.
Таа наведе и дека се чини оти Џон благо реагира кога му пуштаат музика: „За човек кој својот живот го посветил на музиката, тие моменти се неверојатно значајни за сите што се покрај него“.
Таа им се заблагодари на сите за поддршката и порача дека нови информации ќе бидат објавени кога ќе има позначајни промени.
„Патот на Џон сè уште е далеку од својот крај“, заклучи таа.













