[ВИДЕО] Десетици пожари низ земјата, еден од најтешките е близу Прилеп, покрај патот кон Битола

Макфакс

13/08/2026

14:10

249

Големина на фонт

а а а

Во земјата се регистрирани повеќе од 50 пожари, од кои еден од најтешките е близу Прилеп, покрај патот кон Битола. Во гаснењето учествуваат специјализирани тимови, а властите апелираат на внимателност за да не се предизвикуваат нови пожари.

Вчера бил најтежок ден од почетокот на сезоната на пожари, со регистрирани најмалку 52 пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Тој посочи дека во текот на денот биле изгаснати 46 пожари, додека шест останале активни и денеска. Во меѓувреме, денеска се појавиле и нови пожари.

Еден од најтешките пожари е во близина на Прилеп, покрај патот кон Битола. Иако пожарот се шири во рамничарски дел, силниот ветер ја отежнал интервенцијата. Пожарот е ставен под делумна контрола, а во него изгорела штала во која имало одредена количина тутун.

Голем предизвик и натаму претставува пожарот кај Студеничани, во месноста Рамни Габер. Во неговото гаснење повторно учествуваат „ер трактори“ и специјални тимови на ДЗС. Станува збор за исклучително непристапен терен, поради што интервенцијата е отежната. Чадот е видлив и од Скопје, но во моментов пожарот не претставува закана за околните села.

Активен е и пожарот кај Драгов Дол, Македонски Брод, каде гори карпест терен, а на одредени места огнот навлегува и во шума. Во гаснењето се ангажирани 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на ДЗС. Тимовите успеале да делуваат врз поголем дел од еден од краците на пожарот.

Пожари има и во Босилово, во атарот на Старо Балдовци, натаму и кај Новаци, Кривопаланечко и Могила.

Ангелов упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни и да не предизвикуваат пожари.

„Секојдневната битка со десетици пожари е тешка. Доволна е една искра за да се случи вистинска катастрофа“, порача Ангелов.