Шпанија: Цеута и Мелиља не се само шпански, туку супершпански

Макфакс

12/08/2026

18:42

119

Големина на фонт

а а а

Шпанските власти порачаа дека статусот на северноафриканските енклави Цеута и Мелиља како шпански територии не е предмет на расправа, откако мароканскиот министер за правда Абделатиф Уахби изјави дека Мароко полага право на суверенитет над нив.

Мароко смета дека двете енклави се под шпанска окупација и дека нивниот суверенитет на крајот треба да му припадне на Рабат.

„Цеута и Мелиља не се само шпански, тие се супершпански и не може да се допираат“, изјави шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес. Таа додаде дека секој напад врз нив е напад врз Шпанија.

Шпанското Министерство за надворешни работи соопшти дека територијалниот интегритет на земјата „не бил и никогаш нема да биде предмет на расправа со никого“.

Во меѓувреме, Мароко ја засили безбедноста во близина на границите со енклавите по интернет-повиците за нов масовен обид за преминување на границата на 15 август.

Мароканските власти истовремено побараа од Шпанија да го забрза враќањето на малолетните Мароканци без придружба кои се наоѓаат во Цеута. Мадрид најави дека евентуалните барања за репатријација ќе ги разгледува од случај до случај.