Почина познатата италијанска актерка: Многумина воздивнуваа по неа, а таа на врвот на славата се омажи за гроф и исчезна од сцената

Точка

12/08/2026

18:15

566

Големина на фонт

а а а

Италијанската актерка Силвија Монти, едно од препознатливите лица на европската кинематографија од крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години, почина на 80-годишна возраст.

Последните години од животот ги поминала во Лугано, Швајцарија, каде што починала на 11 август по болест.


Нејзината филмска кариера не траела долго, но за само неколку години успеала да соработува со некои од најзначајните европски режисери од тоа време. Но потоа, додека нејзината популарност сè уште растела, донела одлука што ја изненадила јавноста – го напуштила актерството и речиси целосно се повлекла од светот на филмот.

Од дебитантка до ѕвезда

Родена е како Силвија Корнакија на 23 јануари 1946 година во Басано дел Грапа, во покраината Виченца. Иако во некои биографии како место на нејзиното раѓање се наведувала Венеција, италијанските медиуми сега прецизираат дека е родена токму во покраината Виченца.


На големото платно се појавила во 1969 година во филмот „Fraulein Doktor“ на Алберто Латуада, каде што добила помала улога. Истата година се покажала како пресвртна за младата актерка, бидејќи за кратко време глумела во уште неколку остварувања, меѓу кои „Metti, una sera a cena“ на Џузепе Патрони Грифи и француската комедија „Мозокот“ на Жерар Ури.


Во годините што следувале, нејзината филмографија брзо се проширувала. Соработувала со Лучо Фулчи, Луиџи Бацони и други познати автори, појавувајќи се во филмовите „Гуштер во женска кожа“, „Црн ден за Овенот“, „Црниот гусар“ и многу други остварувања.

Голем успех покрај Алберто Сорди

Една од своите најзабележителни улоги ја остварила во 1974 година во филмот „Додека има војна, има надеж“, кој го режирал Алберто Сорди, а воедно ја играл и главната улога.


Монти ја толкувала улогата на Силвија, сопругата на трговецот со оружје Пјетро Кјока, а токму овој филм ѝ ја донел едната од најзначајните улоги во нејзината кариера.


Меѓутоа, токму кога се чинело дека ѝ претстои уште поуспешен период, таа одлучила целосно да го промени својот живот. На врвот на популарноста го напуштила актерството и се повлекла од јавниот живот, давајќи им предност на семејството и приватноста.

Живот далеку од камерите

Откако го напуштила светот на филмот, се омажила за венецијанскиот гроф Луиџи Дона дале Розе, со кого добила две деца, Леонардо и Уна. Нивниот брак завршил со разделба во 1994 година.


Три години подоцна, на 10 јули 1997 година, Силвија Монти се омажила за познатиот италијански претприемач Карло Де Бенедети. Венчавката се одржала во Торино, а парот подоцна се преселил во Лугано, каде што со години живееле далеку од вниманието на јавноста што Монти го имала за време на својата актерска кариера.