Близнаците Мартин и Стефан Филиповски, познати како музичкото дуо „Некст тајм“, беа гости во емисијата „Полиграф“ кај Стефонатор, каде што одговараа на низа прашања за музиката, приватниот живот и нивниот однос како браќа.
Меѓу прашањата што им беа поставени одделно беше и она дали некогаш им се случило да бидат со иста девојка. И двајцата ја потврдија ситуацијата, иако со различни сеќавања за деталите.
Мартин прв одговори дека тоа се случило кога биле многу помлади, на околу 17-18 години.
„Да. Кога бевме мали. Мислам дека девојкава нè изманипулира. Дојде, прво мене ме баци, па после гледам Стефче се смувал. Си се подналутивме, ама добро, нема врска, заборавивме“, раскажа тој.
На прашањето дали девојката можеби ги помешала поради тоа што се идентични близнаци, Мартин одговори дека според него тоа било намерно.
„Намерно, мислам дека беше намерно. Сакаше да проба од двата колачи“, се пошегува тој.
Стефан, пак, призна дека очекувал токму вакво прашање и се присети на друга верзија од случката.
„Знаеш дека ова го мислев, дека ќе ме прашаш? Те погодив, значи, имам интуиција. Со иста девојка? Колку што се сеќавам, знам дека му земав еднаш една што ја свиѓаше тој, ама не знам дали беше со неа. Не сум сигурен, ама ќе кажам да“, рече Стефан.

Во разговорот браќата зборуваа и за тоа колку си споделуваат меѓусебно. Мартин рече дека речиси нема нешто што не му кажува на Стефан, освен кога станува збор за нешто што некој му го доверил како тајна. Стефан, пак, призна дека постојат детали од неговиот живот и интимата што не ги споделува со брат му.
Иако денес се познати по својата блискост и повеќе од две децении се присутни на македонската музичка сцена, во младоста и самите често се соочувале со ситуации во кои луѓето ги мешале поради нивната голема физичка сличност.
„Некст тајм“ ја започнаа својата музичка приказна пред повеќе од две децении, а во 2009 година ја претставуваа Македонија на Евровизија во Москва со песната „Нешто што ќе остане“. Во последните години повторно привлекоа големо внимание со своите преработки на познати македонски песни, меѓу кои „Ја излези Ѓурѓо“, „Слушам кај шумат шумите“, „Нешто ќе те питам бабо“ и „Кога падна на Пирина“.

Во „Полиграф“ Мартин и Стефан зборуваа и за заработката од настапите, при што открија дека никогаш не се вратиле од турнеја со шестцифрена сума пари, но и дека во еден момент одбиле понуда од 20.000 евра за настап.
Во приватниот живот, двајцата браќа денес се во брак. Мартин во јуни 2023 година се ожени со ракометарката Андреа Белеска, со која претходно беше во долгогодишна врска, а во октомври 2024 година тие станаа родители на ќерката Лиана. Стефан, пак, во јули 2025 година се ожени со Тинеа од Белград, со која исто така претходно беше во долгогодишна врска.











