Мерџаноски: Стабилна е состојбата на момчето повредено во Турција, започната е физикална терапија

Макфакс

09/08/2026

19:40

124

Големина на фонт

а а а

Директорот на Клиниката за трауматологија, Игор Мерџаноски, информира дека состојбата на момчето повредено во Кушадаси е стабилна и дека е започната физикална терапија. Повредата е сериозна, а ризиците од вакви повреди особено се зголемуваат во летниот период поради невнимателно скокање во плитки води.

Стабилен е младиот пациент кој се здоби со сериозна повреда на рбетот во Кушадаси, изјави за медиумите директорот на Клиниката за трауматологија, Игор Мерџаноски.

Иако вчера имал покачена температура, анализите покажале дека нема присуство на инфекции и дека реакцијата најверојатно е последица на транспортот и оперативниот зафат. Виталните параметри се добри, започнато е хранење преку уста и физикална терапија.

Мерџаноски укажа дека ваквите повреди на рбетниот столб најчесто се случуваат во летниот период поради невнимателно скокање во плитки или карпести води, што може да доведе до траен инвалидитет или фатален исход.

Директорот на Трауматологија дополнително предупреди дека високите температури го зголемуваат ризикот од инциденти и кај повозрасните лица и градежните работници, кои поради колапс од топлината претрпуваат падови и фрактури.

За потсетување, повреденото момче по итна операција во Турција со владин авион беше пренесено на понатамошно лекување во Скопје.