Жив ѕид во Битола: Крнчев и Најдовски одбележуваат 25 години заедничко творештво

Макфакс

07/08/2026

13:40

97

Големина на фонт

а а а

Изложбата „Жив ѕид“ во Битола ги обележува 25-годишнината на уметничкото партнерство меѓу Никола Крнчев и Раде Најдовски преку изложба на фрески и икони кои ја одразуваат нивната заедничка визија и зографско творештво.

БИТ ФЕСТ добива изложба што не се гледа само со очи, туку се доживува на посебен начин.

На 8 август, во 20:00 часот, во Офицерски дом, во рамките на Битолското културно лето, Никола Крнчев и Раде Најдовски ќе ја претстават „ЖИВ ЅИД“ – изложба на фрески и икони со која одбележуваат 25 години заедничко творештво.

ЖИВ ЅИД“ е повеќе од изложбена поставка. Таа е своевиден печат на четврт век пријателство, партнерство и заедничка посветеност на зографската уметност. Изборот од дела ја открива нивната заедничка творечка визија и мајсторството со кое со децении го збогатуваат духовното и културното наследство во земјата и надвор од неа.

Нивните фрески и икони се дел од храмови, но и од колективната меморија на генерации. Преку нив, бојата станува молитва, ѕидот – жив сведок, а уметноста – трага што го надживува времето.

„Бидете дел од НАШАТА МОЛИТВА ВО БОЈА…“, стои во поканата од авторите на изложбата.

ЖИВ ЅИД“ е приказна за 25 години творење, но и за уметност која продолжува да живее.