Јулијана имала 17 години кога паднала од авион од висина од 3200 метри во прашума: Имала длабоки рани и скршеници, ги гледала телата на патниците, но не сакала да се предаде

Точка

06/08/2026

19:39

737

Големина на фонт

а а а

Сè започнало како страшна трагедија, а се претворило во едно од најголемите и најневеројатните чуда во историјата на преживувањето. Во пресрет на Божиќ 1971 година, патнички авион со 92 патници и членови на екипажот исчезнал од радарот над непрегледните и сурови прашуми на Амазонија, откако удар од гром, на височина поголема од 3200 метри, довел до тоа леталото да се распадне во воздухот.

Иако спасувачките екипи биле целосно уверени дека во тој зелен пекол никој не можел да преживее, по речиси недела и пол потрага пронашле кревка 17-годишна девојка која паднала од небото и успеала да го преживее невозможното.


Овој перуански авиопревозник во тоа време веќе имал исклучително лоша репутација, бидејќи само неколку години пред оваа катастрофа, на летот 508, се урнале уште два негови авиони. Во текот на 1966 година загинале сите 49 луѓе што се наоѓале на летот, а четири години подоцна, поточно во 1970 година, историјата се повторила кога друг авион се урнал, при што однел 100 животи во воздухот и усмртил уште две лица на земјата, бидејќи делови од леталото паднале директно врз нивните куќи.

Поради толку црната статистика, кога во декември 1971 година исчезнал нов авион, спасувачките екипи немале апсолутно никаква надеж дека ќе пронајдат преживеани. Меѓу патниците на овој кобен лет се наоѓало и семејството на познати германски научници.


Мајката Марија Кепке, позната орнитологинка, се враќала со својата 17-годишна ќерка Јулијана од главниот град. Девојката само еден ден претходно ја добила својата училишна диплома, па ова патување требало да биде убав повод за славење. Брзале кон градот Пукалпа, каде што нетрпеливо ги чекал таткото Ханс-Вилхелм, кој веќе со месеци ја проучувал флората и фауната на прашумата.

Пилотот, наместо да го заобиколи густиот облак, одлучил да помине директно низ него. Молња удрила право во крилото, авионот изгубил контрола и се распаднал на делови, а силниот тропски дожд веднаш го изгаснал пожарот, но истовремено ги сокрил остатоците од авионот длабоко под густите крошни на дрвјата, кои хеликоптерите одозгора никако не можеле да ги забележат.


Страшно будење и спас во водата

Јулијана се освестила дури следното утро околу 9 часот, сфаќајќи дека речиси 24 часа била во бессознание. Сè уште била цврсто врзана за своето седиште, кое лежело на земјата меѓу искршените гранки.

Нејзиното тело претрпело ужасни повреди: ѝ била скршена клучната коска, очите ѝ биле целосно затворени од силните отоци, имала длабоки рани по целото тело, а ногата постојано ѝ крварела. Поради тешкиот потрес на мозокот постојано повраќала и губела свест, а бидејќи била многу кратковида и ги изгубила очилата за време на падот, светот околу неа бил само заматена слика.

Ја повикувала мајка си, но единствениот одговор бил застрашувачката тишина на џунглата. Кога конечно наишла на телата на другите патници, сфатила дека нејзината мајка е мртва.


Единствената храна што успеала да ја пронајде меѓу остатоците од леталото биле неколку обични бонбони.

Бидејќи знаела дека во овие шуми живеат исклучително опасни змии, смислила генијална тактика: пред секој чекор фрлала по еден чевел пред себе за да ги разбрка влекачите, што во повеќе наврати ѝ го спасило животот.

Во миговите на најголем очај, девојката се сетила на зборовите на својот татко Ханс-Вилхелм, кој секогаш ѝ велел дека во џунглата спасот треба да се бара во водата. Тој ја учел дека секој мал поток води до поточе, поточето до голема река, а покрај реките секогаш живеат луѓе.

Јулијана пронашла мал извор и тргнала низводно. Одењето низ водата и по брегот било многу полесно отколку пробивањето низ густата вегетација, иако ризикот од средба со змии бил огромен. Се хранела само со оние плодови за кои од своите родители знаела дека не се отровни.


Подоцнежната истрага покажала дека падот всушност го преживеале уште околу 15 луѓе, но никој од нив не успеал да се спаси и да дочека помош пред да почине.

По долгите денови талкање, Јулијана конечно наишла на група мажи. Кога ја здогледале во таква страшна состојба, локалните Индијанци се исплашиле и се повлекле, мислејќи дека станува збор за митско шумско суштество од нивните легенди.

За среќа, девојката им се обратила на течен шпански јазик, по што веднаш ѝ укажале прва помош, ја нахраниле и потоа цели седум часа пловеле со чамец до најблиското место, од каде што била префрлена во болницата во Пукалпа.


Како продолжила судбината на преживеаната

Дури на дванаесеттиот ден по несреќата Јулијана повторно се сретнала со својот татко, а болницата веднаш била опколена од бројни новинари кои на сите начини се обидувале да влезат во нејзината соба и да добијат изјава. Нејзините сведоштва пред полицијата помогнале точно да се утврди местото на несреќата, но сите други преживеани дотогаш, за жал, веќе починале.

По оваа голема трагедија, Јулијана решила да тргне по стапките на своите родители. Дипломирала биологија во Германија, а потоа се вратила во Перу за да го продолжи проучувањето на амазонските екосистеми.


Во својата 57-ма година од животот ја напишала потресната книга со мемоари под наслов „Како паднав од небото“, во која искрено ги опишала сите свои стравови.

„Долги години страдав од тешки ноќни кошмари и од чувството на вина што токму јас бев единствената што преживеа од 92-те лица во авионот“, признала Јулијана во едно интервју, додавајќи дека болката поради загубата на мајка ѝ ќе ја следи до крајот на животот.