Израелскиот напад во јужен Либан кон крајот на април, во кој беше убиена една новинарка, а друга сериозно повредена, може да се смета за воено злосторство, според Human Rights Watch (HRW).
Групата за човекови права во четвртокот соопшти дека пронашла индиции дека цивилите можеби биле намерно цел.
„Израелската војска вели дека не ги целела новинарките, но фактите и доказите покажуваат дека тоа го правела постојано. Амал Халил и Заинаб Фараџ се најновите жртви во долгата низа вакви напади“, рече Рамзи Кајс, истражувач за Либан во HRW.
Халил беше убиенa а Фараџ беше сериозно повреденa во израелски напад на 22-ри април. По прегледувањето на видео0снимките, изјавите на сведоците и другите докази, HRW заклучи дека израелската војска знаела или требало да знае дека двете жени се цивили.
Според извештајот на HRW, тој ден се случиле три напада. Првиот бил врз возило пред автомобилот на новинарките, при што загинале две лица. Потоа нивното возило било погодено, принудувајќи ги да побараат засолниште во блиска зграда, која била нападната кусо потоа.
HRW изјави дека израелската војска, исто така, ги попречила напорите за спасување принудувајќи ги болничарите на либанскиот Црвен крст да се повлечат откако фрлиле шок-гранада од дрон. Исто така, се цитираа и исказите на очевидци дека амбулантно возило било оштетено од огнено оружје.
Групата за човекови права соопшти дека израелската војска дала само краток одговор на истрагата за инцидентот. Се вели дека војската му кажала на HRW дека прелиминарната истрага утврдила дека новинарот е убиен за време на „низа настани“ во кои загинале и двајца борци на Хезболах, и дека војската го истражува инцидентот.
HRW повика на независна истрага и одговорност за какви и да се прекршувања на меѓународното хуманитарно право.
Израелската војска, исто така, се соочи со обвинувања за убивање новинари за време на војната во Газа.
Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) со седиште во Њујорк го обвини Израел, меѓу другото, за „долгогодишна, документирана практика“ на обвинување на новинарите дека се терористи без да се обезбедат веродостојни докази.










