Ниските водостои во Европа не се ризик за домашното производство на електрична енергија

Макфакс

05/08/2026

10:11

190

Големина на фонт

а а а

Министерството за енергетика информира дека ниските водостои во Европа не претставуваат закана за домаќинското производство на електрична енергија во Македонија, бидејќи состојбата со акумулациите е стабилна и хидропотенцијалот доволно ги покрива потребите.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини континуирано ја следи состојбата во регионот и во Европа, како и домашните хидролошки показатели. Според расположливите податоци, состојбата во Македонија е стабилна и во моментов не постојат индикации дека ниските водостои во Европа претставуваат ризик за сигурноста на домашното производство на електрична енергија, соопшти Министерството.

„Министерството, заедно со АД ЕСМ, АД МЕПСО и останатите надлежни институции, редовно ги следи хидролошките параметри, расположливите резерви и прогнозите, со цел навремено да се преземат сите потребни мерки доколку условите се променат. Состојбата со акумулациите во моментов е стабилна и овозможува сигурно управување со домашниот хидропотенцијал. Хидропотенцијалот е со вкупна исполнетост на акумулациите од околу 70 проценти. Тоа овозможува да се одговори на актуелните потреби во рамките на планираното производство“, се наведува во соопштението.

Од Министерството наведуваат дека домашните акумулации се управуваат внимателно и согласно оперативните планови, што овозможува сигурно производство на електрична енергија и стабилно функционирање на електроенергетскиот систем. Истовремено, велат од таму, хидроелектраните продолжуваат да обезбедуваат и системски услуги неопходни за одржување на стабилноста на електроенергетската мрежа.

„Показателите за домашното производство се охрабрувачки. Според податоците на Државниот завод за статистика, во мај годинава во Македонија се произведени 462.653 MWh електрична енергија, со што се покриени 96,5 проценти од домашната потрошувачка што претставува значително повисоко учество на домашното производство во обезбедувањето на потребите на државата. Во исто време, податоците од АД ЕСМ покажуваат значително зголемување на производството од хидроелектраните 1 за 76 проценти во однос на истиот период минатата година, како и раст од околу 10 проценти кај ветерните електрани“, велат од Министерството.

фото/Depositphotos