44 акциски контроли за санкционирање незаконит риболов во јуни и јули во водите на Охридското езеро: двајца приведени, запленети 702 парчиња риба

Макфакс

04/08/2026

12:30

167

Големина на фонт

а а а

Во текот на јуни и јули, полициската станица „Охридско Езеро“ изврши 44 акциски контроли за санкционирање на незаконит риболов во водите на Охридското езеро, при што беа приведени две лица и запленети 702 примероци риба и забранети рибарски мрежи.

Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ Охрид, во текот на јуни и јули оваа година, во водите на Охридското езеро изврши 44 акциски контроли поврзани со кривичното дело „незаконит риболов“ и откривање лица сторители, како и пронаоѓање мрежи и други предмети од извршено кривично дело, извести СВР Охрид.

„Притоа, при вршење на кривичното дело „незаконит риболов“, полициските службеници затекнаа две лица, едното од охридското село Пештани а другото од Струга, ги приведоа во полициската станица и против нив се поднесени соодветни пријави.

Во текот на акциските контроли, пронајдени се вкупно 25 т.н. висечки рибарски мрежи со должина од четири километри и деветстотини метри кои се најстрого забранети за лов на риба и вкупен улов од 702 парчиња риба охридска белвица, односно вкупно 97.1 килограми. Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ Охрид, и во текот на наредниот период ќе врши акциски контроли по овој основ, како и по одредбите од Законот за внатрешна пловидба“, соопшти СВР Охрид.