Костадиновски: Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото, почитувањето на Уставот и јакнењето на правната држава

Макфакс

02/08/2026

10:00

148

Големина на фонт

а а а

Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд, во честитка по повод Илинден потенцира дека највисок патриотизам денес значи посветеност на владеењето на правото, почитувањето на Уставот и јакнењето на правната држава како основи за сила и обединување на Републиката.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, упати честитка по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, во која порача дека идеалите на илинденците и асномската генерација претставуваат обврска за градење современа и правна држава.

Костадиновски, во честитката упатена во свое име и во име на Судот, посочи дека денеска се одбележуваат 123 години од Илинденското востание и 82 години од Првото заседание на АСНОМ, со длабока почит кон визионерството, храброста и жртвата на генерациите кои ги поставиле temелите на македонската државност.

„Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото, почитувањето на Уставот и јакнењето на правната држава“, наведува Костадиновски.

Тој порача дека силата на Уставот зависи од посветеноста на секој граѓанин да го почитува и штити, бидејќи само така, како што вели, уставните права и слободи можат да бидат целосно заштитени.

„Денес повеќе од кога било, потребно е повторно да учиме да бидеме обединети околу Уставот, владеењето на правото и заедничката одговорност кон Републиката. Илинденската идеја не завршува со освојувањето на слободата. Таа продолжува со обврската да ја чуваме истата. Мирот и слободата се неразделни, а праведното општество може да постои само таму каде што владее правото и секој ја презема својата одговорност кон државата и кон Уставот“, порача претседателот на Уставниот суд, упатувајќи честитка по повод празникот.