Украина ја прошиирува својата офанзива кон руската поморска логистика во Црното и Азовското Море, таргетирајќи танкери и други бродови за да ја наруши снабдителната линија кон окупираниот Крим, со цел да го зголеми ризикот за руските воени и економски операции.
Украина влезе во нова фаза од нападите врз руската енергетска и транспортна инфраструктура, проширувајќи ги операциите од нафтените рафинерии и складишта кон поморската логистика во Црното и Азовското Море.
Според украински извори, по повеќе од две години напади врз руската нафтена индустрија со цел да се наруши снабдувањето на руската армија и економија, дроновите сега сè почесто ги таргетираат танкерите, товарните бродови, влечните бродови и траектите што ги користи Русија за транспорт на гориво и воен товар.
Главната цел на новата кампања е да се зголеми ризикот за руските поморски рути преку кои се снабдува окупираниот Крим, се транспортира воена опрема и се извезуваат нафта и нафтени деривати.
Откако честите украински напади врз Керчкиот мост и копнените линии за снабдување ја ограничија руската логистика, поморските врски станаа еден од најважните канали за одржување на руските сили на Крим. По овие рути пловат и помали танкери кои пренесуваат гориво до полуостровот, од каде што тоа се претовара на поголеми бродови.
Според украинските сили за беспилотни системи, новата операција, со кодно име „MoLoChKa“, претставува нова фаза во нападите врз руската логистика. Името е акроним од украинскиот израз „Москва ќе падне преку Крим“.
Украинската страна тврди дека само во првите 18 дена од јули нивните дронови погодиле 196 пловни објекти што служат за руската поморска логистика, од кои 126 во Азовското Море, а 70 во Црното Море. Овие тврдења не се независно потврдени.





