Клаудио Раниери вторпат во животот стави крај на пензијата за да му се стави на служба на фудбалот, првпат поради саканата Рома, а овојпат за да и помогне на Италија во ситуација кога изгледа доста сложена.
Легендарниот италијански стручњак се враќа во репрезентацијата во малку поинаква улога, односно не како селектор, туку како технички директор кој ќе треба да воспостави добра конекција меѓу националниот тим, клубовите и сите младински академии во Италија.
Раниери ќе му биде поддршка на новиот селектор Роберто Манчини и заедно со него беше претставен во пакет од претседателот Џовани Малаго, а пораката која ја испрати Клаудио до цела јавност беше доста интересна.
Легендарниот тренер кој ја освои Премиер лигата со Лестер направи чудесен пресврт во Рома кога последен пат ја водеше, па искрено се надева дека ќе донесе среќа и на репрезентацијата.
– Не знам како ќе ви звучи на вас, но ова е круна на мојата кариера, не можев да поверувам кога ми се јави претседателот Џовани Малаго. Јас бев на плажа и тоа може да го видите по мојот тен. Знам дека ситуацијата е исклучително тешка, но мојата тренерска кариера покажува дека многупати се справував со потешкотии. Никогаш не се воздржав и не се откажав, се надевам дека така ќе биде и со Италија.
– За мене постојат две клучни работи кои треба да ги направиме до следното Светско првенство. Првата е да ги натераме луѓето повторно да се заљубат во фудбалот, а втората е за децата на возраст како мојот внук. Мојот внук има 12 години и никогаш не ја гледал Италија на Светско првенство. Мора да го промениме тоа и да ги удостоиме со настап на репрезентацијата на мундијал, – изјави Раниери.







