Премиерот Христијан Мицкоски го повика Обвинителството да отпочне постапка за проверка на над 400 пријави за неквалитетна вода во Гостивар од 2021 година, истакнувајќи дека досега не е преземено ништо за заштита на здравјето на жителите.
Очекувам Обвинителството да отпочне постапка за проверка на 400 пријави за неквалитетна вода во 2021 година во Гостивар, а не се преземало ништо за заштита на здравјето на гостиварци, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата од страна на опозицијата дека Владата ништо не направила во врска со Гостивар.
„Обвинувањата ги адресира човекот на којшто живи луѓе му гореа во модуларната болница во Тетово. Човекот којшто ќе остане забележан како рекордер по бројот на починати за време на корона-кризата затоа што не успеа навреме да обезбеди доволно вакцини за да можат граѓаните да ги користат и на тој начин да обезбеди, односно да сочува некој човечки живот. Повеќе се занимаваше тогаш со ПР и кампањи отколку со суштина, односно со тоа што му беше работа. И тоа го зборуваат луѓето коишто во здравството го донесоа најголемиот скандал, како што е скандалот на Онкологија, за којшто постои судски процес, во којшто се инволвирани токму овие луѓе.

Но, кога станува збор за Гостивар и за пријавувањето во Гостивар, треба да се напомене дека, еве да речеме, на пример, во 2021 година, кога претседателот на СДСМ е министер за здравство и кога истата личност којашто денеска излегува на прес-конференции од името на СДСМ е директор во Институтот за јавно здравје, имаме преку 400 пријави за неквалитетна вода во Гостивар. Ништо не е преземено, нула.
Јас го повикувам Обвинителството, еве одовде, од Делчево, да ги провери овие наводи за коишто сега зборувам и да отпочне постапка зошто овие луѓе, кога имале можност, не преземале ништо и не го заштитиле здравјето на гостиварци. Но, не само на гостиварци, туку и на граѓаните во другите општини. Значи, Обвинителството мора да постапи по оваа информација којашто, еве одовде, сакам да ја испратам. И очекувам Обвинителството веднаш, уште денеска, да влезе во Институтот за јавно здравје, во Агенцијата за храна и ветеринарство, да ги провери овие наводи за коишто денеска зборувам.“











