Пратеникот Бране Петрушевски обвинува дека СДС, ДУИ и Таравари применуваат двојни стандарди кога станува збор за одговорноста поврзана со скандалот со водата во Гостивар, посочувајќи дека тие не реагираат кога станува збор за нивните кадри.
СДС, ДУИ и Таравари повторно покажаа дека имаат двојни аршини. Кога нивниот градоначалник на Гостивар, Валбон Лимани, вели дека не чувствува никаква одговорност за скандалот со водата, тие не кажуваат ниту еден збор, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Истите тие кои секојдневно зборуваат за одговорност и бараат оставки, денес молчат и го штитат својот кандидат.
Очигледно, за СДС, ДУИ и Таравари принципите важат само кога треба да нападнат политички противник. Кога се работи за нивните функционери, тогаш нема ниту одговорност, ниту морал, ниту оставки“.
Граѓаните, додава тој, заслужуваат одговори, а не двојни стандарди.
Прашува зошто СДС, ДУИ и Таравари не бараат реакција од општината за скандалот.
„Зошто општината по 3 дена од кога сите дознаа за скандалот се јави со прес-конференција? Зошто општинските служби немаат со прст мрднато?
Затоа што не се способни и мораше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да ја земе работата во свои раце.
На граѓаните им е јасно што може да се очекува кога СДС, ДУИ и Таравари се на власт“.







