Во случајот со скандалот со водата во Гостивар, ВМРО-ДПМНЕ ја критикува ситуацијата со двојните аршини на СДС, ДУИ и Таравари и нивниот кандидат Валбон Лимани, повикувајќи на отчетност и преземање одговорност од сите вклучени во овој случај.
Наместо јасни одговори и преземање одговорност за скандалот со водата во Гостивар, јавноста е сведок на двојните аршини од страна на СДС, ДУИ и Таравари кога станува збор за нивниот кандидат Валбон Лимани, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Воедно, Лимани јавно изјави дека не чувствува никаква одговорност, а оние што секојдневно зборуваат за отчетност, СДС, ДУИ и Таравари остануваат неми. Наместо да побараат одговорност од својот кандидат, избираат да молчат.
Тоа е уште една потврда дека за овие политички партии принципите важат само кога треба да се напаѓаат политичките противници. Кога станува збор за нивните функционери, тогаш нема ниту критика, ниту барање за оставка, ниту преземање одговорност“.
Граѓаните на Гостивар, според владејачката партија, заслужуваат вистината да биде целосно расветлена и секој што има одговорност да ја понесе, без разлика на политичката припадност.
„Институциите и избраните функционери мора да бидат одговорни пред граѓаните, а не заштитени од партиски интереси.
Затоа, очекуваме СДС, ДУИ и Таравари јавно да кажат дали го поддржуваат ставот на Валбон Лимани дека никој не треба да сноси одговорност за скандалот со водата или, конечно, ќе застанат на страната на граѓаните и ќе побараат отчетност.
Граѓаните заслужуваат транспарентност и ефикасно решавање на проблемите. Тоа треба да биде единствениот приоритет на сите избрани и именувани функционери“.







