Манасиевски ја критикува одлуката на СДС, Левица и ДУИ за блокирање на новиот Изборен законик, истакнувајќи дека политичките партии избираат сопствен интерес на штета на Македонија и не дозволуваат реформи да се реализираат.
Според Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, неподнесувањето на новиот Изборен законик уште еднаш ја потврдува вистинската политика на СДС, Левица и ДУИ, а таа е, како што рече на прес-конфренција, колку полошо за Македонија, толку подобро за нив.
„Кога државата има можност да исполни уште една реформска обврска, тие избираат блокада. Ние повторно ќе бидеме предводници во регионот. Од 10 реформи ние сме 9. Не дојдовме до таа последната токму поради блокадата на СДС, Левица и ДУИ. Затоа што кога е потребен консензус, тие избираат конфронтација.
Со тоа, покажаа дека нивната цел не е подобар Изборен законик, ниту подобар изборен процес. Нивната единствена цел е Македонија да нема нов реформски успех, за потоа политички да профитираат од застојот што токму тие самите го создаваат“.
Ова, вели Манасиевски, не е првпат СДС, Левица и ДУИ да постапуваат на ваков начин.
„Секогаш кога државниот интерес ќе се судри со нивниот партиски интерес, тие го избираат партискиот интерес, без разлика на последиците за Македонија.
Но, Македонија нема да биде заложник на нивните блокади. Реформите ќе продолжат, а државата ќе продолжи да се развива“.







