Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, оствари средба во Брисел со раководството на Eurochambres за унапредување на соработката и поддршка на европската интеграција на Западен Балкан.
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, со своите соработници оствари работна средба со Ваутер ван Хилк, потпретседател на Eurochambres и генерален менаџер на Федерацијата на белгиски комори, и со генералниот секретар на EUROCHAMBRES Бен Бутерс. Средбата се одржа во седиштето на Асоцијацијата на европски комори Eurochambres во Брисел.
На средбата беше разговарано за натамошното унапредување на соработката меѓу Стопанската комора на Северна Македонија и EUROCHAMBRES, како и за поактивно вклучување во процесите на креирање европски економски политики и иницијативи од интерес за бизнис-заедницата. Во разговорите беше истакната важноста на силниот и инклузивен коморски систем, кој ќе обезбеди поефикасно застапување на интересите на компаниите, ќе придонесе за подобрување на деловното опкружување и ќе создава конкретна додадена вредност за своите членки.
Посебно внимание му беше посветено на процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан. Соговорниците се согласија дека стопанските комори имаат значајна улога во поддршката на реформските процеси, јакнењето на конкурентноста на компаниите и во продлабочувањето на економската соработка меѓу Европската Унија и земјите кандидати за членство.
Во таа насока, беше истакната и улогата на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (WB6 CIF) како најрепрезентативна регионална бизнис-мрежа, која преку заедничко дејствување на шесте стопански комори од Западен Балкан може да даде
значителен придонес во процесите на економска интеграција и застапување на интересите на компаниите од регионот.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката преку реализација на нови заеднички проекти меѓу Стопанската комора на Северна Македонија, EUROCHAMBRES и стопанските комори од Западен Балкан, со цел размена на добри практики, зајакнување на институционалните капацитети и отворање нови можности за компаниите во рамките на европскиот економски простор.











