Измамиле 19 лица и во нивно име земале брзи кредити: Уапсени две кумановки

Макфакс

15/07/2026

16:20

271

Големина на фонт

а а а

Во Куманово се уапсени две лица под сомнение дека измамиле 19 лица, користејќи нивни лични податоци за земање брзи кредити, со што се стекнале со противправна имотна корист од над 10 милиони денари.

Полициски службеници од СВР Куманово денеска (15.07.2026) ги лишија од слобода А.С.Д. (22) и М.В. (34), двете од Куманово, и против нив СВР Куманово поднесе кривична пријава и тоа, против А.С.Д. поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „измама“ по чл.247 ст.4 од КЗ и „злоупотреба на лични податоци“ по чл. 149 ст.1 од КЗ и против М.В. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ по чл.24 од КЗ, соопшти полицијата.

Детали за случајот

Првопријавената А.С.Д., со директна умисла и еднапред создаден план, со намера за себе и за второпријавената М.В. да прибави противправна имотна корист, во период од јануари до јули 2026 година во вкупно 19 наврати, со ложно прикажување и свесно прикривање на вистинските факти, довела и одржувала во заблуда 19 лица, така што без нивна согласност и овластувања, злоупотребувајќи и користејќи ги нивните лични податоци, во нивно име аплицирала за брзи потрошувачки кредити, а по одобрувањето и исплатата на парите, тие биле противправно присвојувани од страна на А.С.Д. и М.В..

Помош во извршување на делото

Второпријавената М.В., постапувајќи по претходен договор, и помогнала на А.С.Д. во извршувањето на кривичното дело преку преземање на дејствија што овозможиле реализација на измамата.

При тоа, се стекнале со противправна имотна корист од 10.820.000 денари.