Ослободителната пресуда на Никола Груевски во предметот „Талир 2“ е резултат на измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои беа изработени и изгласани заеднички од СДСМ и ДПМНЕ. Левица укажува дека овие измени ги штитат политичките интереси на елитата и доведоа до ослободување од обвиненија на високопозиционирани функционери.
„Ослободителната пресуда за Никола Груевски во предметот „Талир 2“ е директна последица на измените на Кривичниот законик што во 2023 година заеднички ги изгласаа СДСМ и ДПМНЕ. Со тие измени беше изменет членот 353 за злоупотреба на службената положба и овластување, врз кој се темелеше обвинението. Поради примената на поблагиот закон, предметот беше вратен на повторно одлучување и заврши со ослободителна пресуда“, велат од партијата Левица.
„’Талир 2′ беше предмет за изградбата на партиското седиште на ДПМНЕ – ‘Бела палата’, вредно 7 милиони евра. Во првостепената постапка Груевски беше осуден на шест години затвор, а беше наложена и конфискација на гламурозното седиште.
Да не заборавиме кој СЛОЖНО ги изгласа овие измени.
СДСМ и ДПМНЕ со години се претставуваат како непомирливи политички противници. Едните со години ја градеа својата политика врз ветувања за расчистување со криминалот од времето на Груевски, другите тврдеа дека станува збор за политички монтирани процеси. Но, кога на маса дојде Кривичниот законик, разликите исчезнаа. За неколку часа беше обезбедено она за што инаку со месеци не можат да постигнат договор – закон што директно ги засегаше предметите против високи функционери.
Левица тогаш предупреди дека измените немаат никаква врска со европски реформи, туку со обезбедување заштита за политичката елита. Ослободителната пресуда во „Талир 2“ покажува зошто толку брзаа и зошто СДСМ и ДПМНЕ немаа проблем да седнат на иста маса. Кога се во прашање сопствените интереси, бипартизмот функционира беспрекорно.
Граѓаните со години се убедуваат дека СДСМ и ДПМНЕ водат историска битка едни против други. Во Собранието, кога треба да се спасуваат функционери, таа битка престанува. Преговараат, договараат и гласаат заедно. Истото мнозинство што не може да се согласи за политики од кои зависат животниот стандард, здравството, правата на работниците или ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА, без тешкотија наоѓа заеднички јазик кога треба да се менува Кривичниот законик.
Ослободителната пресуда за Груевски е епилог на политички договор склучен во Собранието во 2023 година. Денес корист има Груевски и ДПМНЕ. Утре истиот механизам ќе биде на располагање за секој функционер од која било власт. Затоа измените на Кривичниот законик остануваат еден од најјасните докази дека, зад привидниот судир меѓу СДСМ и ДПМНЕ, постои долгогодишен консензус кога треба да се заштитат интересите на политичката елита“, се наведува во соопштението на партијата Левица.











