ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДС, Левица и ДУИ свесно го блокираат усвојувањето на новиот изборен законик преку лош политички театар со цел да не се постигне договор и да се приготват алиби за следниот изборен циклус.
Политичкиот театар на СДС, Левица и ДУИ е разобличен, се докажа дека немаат никаква намера да се договорат за нов Изборен законик и дека свесно го блокираат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пред очите на целокупната јавност излезе вистината дека СДС, Левица и ДУИ се координирани и имаат една единствена цел, а тоа е да не се донесе нов Изборен законик. Лошиот политички театар на СДС, ДУИ, и Левица е разоткриен. Едните јавно повикуваа на разговори, другите демонстративно ги одбиваа, а во суштина сите работат за ист исход, да нема договор. Тоа е добро осмислено сценарио на СДС, Левица и ДУИ, а не политичко несогласување“, велат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС, Левица и ДУИ немаат интерес да се усвојат современи изборни правила, ниту да се олесни гласањето на македонската дијаспора. Наместо реформи, велат од ВМРО-ДПМНЕ, тие избираат блокади, калкулации и политички пресметки.
„Причината е јасна, а тоа е подготовка на сопствено алиби за следниот изборен циклус. Едните ќе се повикуваат на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, другите ќе зборуваат за условите за изборна кампања, а третите ќе тврдат дека не била почитувана волјата на граѓаните. Тоа се изговорите што однапред ги подготвуваат затоа што немаат аргументи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.







