[ВИДЕО] Филипче: Хаосот во Собранието беше театар за прикривање на неуспесите на Мицкоски

Макфакс

14/07/2026

13:33

291

Големина на фонт

а а а

Венко Филипче го коментираше вчерашниот хаос во Собранието, оцени како политички театар за прикривање на неуспесите на Владата и односот на Христијан Мицкоски кон пратениците и опозициските партии.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека вчерашниот хаос во Собранието беше театар за прикривање на целосниот неуспех на Владата и од отсуството на резултати на Христијан Мицкоски.

„Вчера направи хаос за да прикрие сопствената неспособност, тоа што Владата нема апсолутно никакви резултати во ниту еден сегмент на функционирањето и се обидува да создаде алиби за предвремени избори, бидејќи рече дека ги нема, сега очајно му треба алиби.

Според Филипче, кога нема резултати во економијата, кога растат цените и паѓа животниот стандард, Мицкоски наместо да понуди решенија избира навреди и закани кон пратениците од опозцијата.

„И кога се нема резултати, кога нема решенија, Мицкоски ги навредува и им се заканува на пратениците во Собранието. Граѓаните ги нарекува талог на општеството, глодари, медиокритети, мекотели, секакви погрдни зборови избираше во изминатиот период, а сега почна да ги навредува и пратениците во Собранието. При тоа, навредите многу повеќе кажуваат за него, отколку што кажуваат за било што друго. Тоа ли е универзитетски професор? Тоа ли е премиер, претседател на Влада?“, рече Филипче.

Во однос на изнуденото и срамно извинување на Мицкоски, Филипче оцени дека станува збор за политички театар без вистинско преземање одговорност.

„Тој само создаде привид, се извини во празна сала, кога опозициските пратеници ја напуштија салата… така направи еден политички театар. Едно срамежливо, изнудено „извинете“. Меѓутоа, тоа не може да ги избрише навредите и неговиот начин на однесување“, рече Филипче.

Тој нагласи дека вистинското извинување подразбира признавање на грешката, промена на однесувањето и одговорност за сите што учествувале во навредите.

„Вистинското извинување подразбира признавање на грешката, менување на начинот на однесување и санкции… Граѓаните заслужуваат почит, достоинство, заслужуваат пример кој што обединува, а не човек кој што ги дели и ги навредува“, порача претседателот на СДСМ.

На крајот, Филипче повтори дека заканите и навредите се одраз на слабост, а не на сила.

„Никој не му се плаши на Христијан Мицкоски. Овој начин на однесување е само одраз на неговата слабост и неспособност“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.