Филм, поезија и претстава утре на Скопско лето

Макфакс

14/07/2026

10:00

176

Големина на фонт

а а а

Утре, 15 јули, на 47. издание на фестивалот Скопско лето ќе се одржат три настани: проекција на филмот „Кајмак“, поетско-музичкиот настан „Поетроника“ и театарската претстава „Сина сенка“ што нудат богат културен доживувањe.

Утре, 15 јули, ќе се одржат три настани на 47. издание на фестивалот Скопско лето.

За љубителите на филмската уметност, со почеток во 20:15 часот во Кинотека на Македонија, ќе се одржи проекција на филмот „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски. Билетите се во продажба на karti.com.mk.

Со почеток во 20:30 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан ќе се одржи поетско – музички настан насловен „Поетроника“ на Андреја Салпе и Оливер Митковски.

„Поетроника“ е уникатен поетско-музички проект на Андреја Салпе и Оливер Митковски, кој го спојува македонското поетско наследство со современиот звук на електронската музика. Преку внимателен избор на поетски текстови и иновативен музички пристап, стиховите на автори од различни генерации добиваат нова звучна и интерпретативна димензија. Проектот создава динамичен дијалог меѓу литературата, музиката и сценскиот израз, отворајќи нови можности за доживување на поезијата. „Поетроника“ нуди современ и комуникативен поглед кон македонскиот поетски збор, доближувајќи го до поширока и помлада публика.

Билетите се во продажба на karti.com.mk

Со почеток во 20:30 часот во Едукативниот културен центар Лабораториум ќе се одигра театарската претстава „Сина сенка“ на Независниот театар Златен Елец.

Режијата е на Тамара Стојаноска. Автор е Брајан Рејнолдс, музиката на Мајкл Хукер и Лука Тошев, преводот на Сашо Огненовски.

Актери: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ.

„Сина сенка“ е проект во соработка со американскиот автор Брајан Рејнолдс кој за првпат се поставува во Македонија. Делото продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстојуваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Претставата отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, и како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. Може да се доживее и како ехо на култните драми за „малиот човек“, современ „Војцек“ или „Хинкеман“, каде што хуманоста се губи под тежината на стравот, контролата и манипулацијата. Претставата создава свет во кој реалноста и илузијата се преплетуваат, а секоја сцена пулсира со прашањето: дали навистина живееме, или само преживуваме? „Сина сенка“ не завршува со спуштањето на завесата, таa продолжува во секојдневието, во вестите, на улиците, во тишината со која го прифаќаме апсурдот како нормален. Но вистинската борба не е само против системот туку против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка.