Општина Центар започна со исплата на субвенции за велосипеди преку проектот „Цел Центар на точак“, овозможувајќи финансиска поддршка за купување велосипеди и дополнителна опрема со цел промовирање на одржлива урбана мобилност и почиста животна средина во градот.
Општина Центар почна со исплата на субвенциите за купен велосипед преку проектот „Цел Центар на точак“. На сметките на граѓаните веќе се исплатени првите 90 барања, а во следниот период ќе се реализираат и останатите 100.
Преку оваа еколошка мерка, општината покрива 30 отсто од сумата, односно до 3.000 денари за купување нов велосипед. Истовремено, сè уште е отворен повикот за субвенционирање дополнителна опрема за велосипеди, каде финансиската поддршка изнесува до 1.000 денари, извести Општината.
„Општина Центар сосем заслужено ја носи титулата највело општина во државата. Први почнавме со субвенционирање на алтернативниот превоз, а на барање на граѓаните, први воведовме и поддршка за купување дополнителна опрема“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Проектот „Цел Центар на точак“ е директна инвестиција во одржлива урбана мобилност, поздрави навики на граѓаните и почиста животна средина во центарот на градот, додаваат од Општина Центар.







