ВМРО-ДПМНЕ ја истакнува најниската инфлација во Македонија во регионот за јун, демантирајќи ги обвиненијата од СДС за економска несигурност. Партијата ја нагласува стабилноста на економските политики преку официјалните податоци на Државниот завод за статистика и ја критикува опозицијата за ширење паника.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека економските показатели покажуваат стабилизирање на цените и дека Македонија има најниска инфлација во регионот меѓу земјите кои ги објавиле податоците за јуни.
Во соопштение од партијата се наведува дека обвинувањата од СДС за економска несигурност се невистинити и дека официјалните податоци на Државниот завод за статистика ги демантираат таквите тврдења.
„Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, годишната инфлација во јуни изнесува 3,4 проценти, а во однос на мај е намалена за 0,5 проценти. Тоа се официјални факти. Уште поважно, инфлацијата кај храната и безалкохолните пијалаци изнесува само 2,5 проценти, а кај облеката и обувките 2,1 процент. Тоа се категориите што најдиректно влијаат врз семејниот буџет и животниот стандард на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според податоците што ги објавува партијата, инфлацијата во јуни изнесувала:
– Македонија – 3,4 отсто
– Словенија – 3,6 отсто
– Грција – 3,9 отсто
– Хрватска – 4,5 отсто
– Бугарија – 5,6 отсто
– Турција – 32,1 отсто
„Ова се бројки што не можат да се сокријат ниту да се релативизираат. Додека СДС се обидуваат да градат дневна политика врз измислени кризи и ширење паника, Владата работи со конкретни мерки што даваат резултати. Намалената инфлација е директен доказ дека економските политики се правилно поставени и дека се води одговорна грижа за стандардот на граѓаните. Наместо манипулации и лажни сценарија од СДС јавноста заслужува мерки и проекти. А фактите се јасни, Македонија денес има една од најстабилните ценовни политики во регионот и најниска инфлација меѓу соседните земји што ги објавија податоците за јуни. Владата ќе продолжи со одговорни економски политики, стабилни јавни финансии и мерки што носат резултати, без разлика на обидите тие резултати да бидат оспорени од оние што немаат што да понудат освен дезинформации“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.











