Швајцарија е последен патник во четвртфиналната рунда на Светското првенство, откако во последното осминафинале гледавме меч во кој избраниците на Мурат Јакин победи во пенал рулетот.
Во еден меч кој не понуди вистинско фудбалско уживање за неутралните фанови, слободно може да се каже дека двете селекции го понудија најздодвеното и најскромно осминафинале на овој мундијал, па со определба да се мисли на својот гол, отколку да се нападне противничкиот, се стигна до изведување на пенали.
Пред пенал рулетот, мора да се напомене дека Колумбија не искористи две големи шанси во продолженијата преку Лукуми и Кампаз, па во такви околности, психолошката предност замина на спротивната страна.
Пенал завршниците секогаш носат голема нервоза и тензија кај фудбалерите, а во денешната ситуација, подобро се снајдоа Швајцарците.
Санез и Ернандез беа трагичари за Колумбија и не успеаја да го совладаат Кобел, па иако едно промашување имаше и Аканџи, тоа беше безболно со оглед на победата од 4:3.
Последниот пенал во петтата серија го реализираше Варгас, а со тоа Швајцарците си осигураа четвртфинален дуел со актуелниот шампион Аргентина во фазата на осумте најдобри.
Во останатите три четвртфиналиња, Англија ќе ги одмери силите со Норвешка, Франција ќе игра против Мароко, додека Шпанија ќе ги вкрсти копјата со Белгија.





