Во Собранието беше промовиран Кодексот за етичко однесување на пратениците, кој претставува морален договор и механизам за зајакнување на интегритетот и довербата во парламентот преку вклучување практични алатки и меѓународна соработка.
Во Собранието денеска се одржа промоцијата на Кодексот за етичко однесување на пратениците, кој претходно беше донесен од страна на пратениците.
На настанот се обратија претседателот на Собранието Африм Гаши; шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал; вишиот резидентен директор на НДИ Северна Македонија и лидер на тимот на Швајцарската програма за парламентарна поддршка (ПСП), Роберт Скот Хејзлет; претставничката на Одделот за демократско управување и родова еднаквост при ОДИХР, Ајла Ван Хеел Мердановиќ; како и претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Миле Лефков.
Во своето обраќање, претседателот Гаши истакна дека Етичкиот кодекс, пред сè, претставува морален договор што пратениците го склучуваат меѓу себе и со граѓаните што ги претставуваат.
„Бидејќи верувам дека никој од нас не сака овој документ, по неговото усвојување, да остане само архивски материјал, денес сме собрани да го прифатиме како заедничка обврска: јавниот интерес секогаш да биде над личниот интерес; политичката дебата да се води врз основа на аргументи, а не на навреди; политичките разлики да не се претвораат во лични непријателства; а достоинството на Собранието секојдневно да се штити со одговорност и посветеност“, истакна Гаши.
Тој изрази благодарност до пратениците и пратеничките групи, меѓународните партнери и Службата на Собранието, која со својот професионален ангажман и посветеност даде значаен придонес во секоја фаза од процесот на подготовка на Кодексот.
Во своето обраќање, амбасадорот Вал истакна:
„Етичкиот кодекс не само што им дава на пратениците практична алатка за справување со етички прашања од реалниот живот, туку означува и конкретен чекор кон потранспарентна, одговорна и доверлива парламентарна работа во државата. Интегритетот се гради преку секојдневните избори на оние на кои им се доверени јавните функции.“
Роберт Скот Хејзлет истакна дека Швајцарската програма за парламентарна поддршка обезбедуваше континуирана поддршка на Собранието во текот на сложениот процес на изготвување и финализирање на оваа регулатива за интегритет од 2019 година.
„Ова е една од многуте области каде што Швајцарија застана покрај Собранието како стабилен и сигурен партнер во демократските реформи“, рече Хејзлет.
Ајла Ван Хеел Мердановиќ ја истакна важноста на парламентарниот интегритет како алатка за зајакнување на довербата на граѓаните во етиката на парламентарното одлучување.
„Заедничка цел е да го поддржиме процесот на унапредување на парламентарната етика. Драго ни е што денес го гледаме резултатот од повеќемесечната меѓупартиска соработка. За поздрав е и вклучувањето на родовите перспективи во Кодексот“, истакна Мердановиќ Во своето обраќање, Миле Лефков посочи дека овој Етички кодекс е важен документ за враќањето на довербата во Собранието.
Тој истакна дека со овој документ се покажува дека Собранието знае да ја прифати меѓународната експертиза.
„Она што го прави овој Кодекс поразличен е тоа што вклучува вистински механизми за негова примена: формирање паритетна работна група која ќе се грижи за спроведувањето на Етичкиот кодекс, назначување повереник за доверливо советување на пратениците, како и донесување упатство, при што повторно ќе се искористи меѓународната експертиза“, соопштија од Собранието.















