„Ferrari“ го претстави "12Cilindri Manuale", модел кој го враќа рачниот менувач во автомобилите на овој бренд, како и препознатливата метална „решетка“ на рачката на менувачот, за првпат по моделот 599 GTB, чие производство заврши во 2012 година.
Сепак, зад носталгичниот изглед се крие модерно технолошко решение – автомобилот всушност користи осумстепен автоматски менувач со двојна спојка.
Новиот систем, наречен "Manuale By-Wire", електронски ги поврзува рачката на менувачот и педалата за спојка со менувачот, без каква било механичка врска.
Возачот добива чувство како да управува со автомобил со три педали, вклучувајќи ја и можноста автомобилот да „затрокира“ или да се изгаси при несмасно тргнување од место, исто како кај вистински автомобил со рачен менувач.
Погонот останува непроменет.

Атмосферскиот 6,5-литарски V12 мотор развива 830 коњски сили и 678 Nm вртежен момент, а автомобилот забрзува од 0 до 100 km/h за 2,9 секунди и достигнува максимална брзина поголема од 340 km/h.
Автомобилот може да работи и во целосно автоматски режим.

Првите шест „брзини“ ги избира возачот преку рачката на менувачот, додека седмата и осмата брзина, како и системот "Launch Control", ги презема автоматскиот менувач.
„Ferrari“ ќе произведе само 1.499 примероци, а секој од нив ќе биде изработен во рамките на програмата "Tailor Made".
Почетната цена во Европа изнесува 590.000 евра, а првите испораки се планирани за почетокот на 2027 година. Речиси целата серија веќе е распродадена.












